Доколку утре се одржат парламентарни избори 21,5 отсто од анкетираните рекле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, 13,9 за СДСМ, покажува анкетата финансирана од Националниот демократски институт (НДИ). Истражувањето е спроведено теренски од ТИМ Институт на примерок од 1.003 испитаници во периодот од 13 до 24 април годинава.
Трет на листата е ДУИ со 6,2, па Беса со 3,6, по неа е Алијансата за Албанците со 3,2, Левица со 2,9, Движењето на Максим Димитриевски со 1,7 проценти.
Неодлучни кому ќе му го дадат гласот се дури 18,3 отсто, додека 8,5 отсто одбиле да одговорат.
Од друга страна, 56 отсто од граѓаните во анкетата на НДИ сметаат дека државата се движи во погрешна насока, наспроти 11,1 отсто кои велат дека се движи во правилна. Нив 31,3 отсто се неутрални и велат дека не се движи ниту во правилна, ниту во погрена насока, а само мал процент од 1,6 отсто велат дека не знаат. Најглавна причина за оние што веруваат дека земјата се движи во погрешна насока е корупцијата и криминалот со 18 проценти, потоа високите цени и инфлацијата со 15,3, лошите политики и работа на владата со 14,2, потоа е сиромаштијата и нискиот животен стандард со 7,8 отсто, а многу помалку односно 3 отсто како причина ги наведуваат преговорите со ЕУ и проблемите со Бугарија.
Интеграцијата во ЕУ и отвореното прашање со Бугарија е најважен проблем со кој се соочува државата за само 6,7 отсто од граѓаните и е на петто место според анкетата, на која доминираат економските проблеми.