Анкета: ВМРО-ДПМНЕ со убедлива предност, „Левица“ ја стигна ДУИ

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ има двојна предност во однос на владеачката партија СДСМ, покажува теренската анкета на агенцијата ИПСОС. Анкетата е спроведена од 2 март до 15 март годинава врз 1.007 испитаници, за потребите на ВМРО-ДПМНЕ.

На прашањето, за кој би гласале доколку утре се одржат предвремени парламентарни избори, 18.2 отсто од испитаниците се изјасниле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, 9.5 отсто рекле дека ќе гласаат за СДСМ, 4.1 отсто за ДУИ, 4 отсто за Левица, 3.5 отсто за Алијанса за Албанците, 1.2 отсто за Беса, о.7 отсто за Алтернатива, 0.4 отсто за ДПА, 0.2 отсто за ЛДП, 1.2 отсто за други политички партии, а 16.5 отсто од испитаниците биле неодлучни, 15.8 отсто одбиле да одговорат и 24.6 отсто рекле дека нема да гласаат.

Највисок рејтинг од политичарите ужива лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со 9 проценти, втор е претседателот Стево Пендаровски со 6 отсто, трет е премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски со 4 отсто, па следува лидерот на Левица Димитар Апасиев со 3 отсто, Али Ахмети со 3 отсто, Зијадин Села со 2 отсто и Зоран Заев со 2 отсто.

Дел од испитувањето на јавното мислење, кое го нарачале од ВМРО-ДПМНЕ, биле и прашања во врска со бугарското вето и барањето Бугарите да се вклучат во Уставот, во однос на кое 39 отсто од испитаниците сметаат дека Македонија треба да бара реципроцитет од Бугарија. Дваесет отсто од испитаниците сметаат дека Македонија треба да ги вклучи без услови Бугарите во уставот ако Бугарија писмено гарантира дека ќе го тргне ветото и државата ќе почне преговори со ЕУ. Десет проценти од граѓаните сметата дека Македонија треба без услов да ги вклучи Бугарите во Уставот и покрај тоа што Бугарија не гарантира почеток за преговори со ЕУ, а со „не знам“ одговриле 31 проценти од граѓаните.

На резултатите од анкетата реагираше денеска и владечаката партија СДСМ.

-Ниту една лажна анкета пласирана од Белиот дворец не може да ја сокрие вистината за криминалот на ВМРО-ДПМНЕ и неработењето на градоначалниците од оваа партија. Ниедна нарачана анкета од ВМРО-ДПМНЕ не може да ги покрие скандалите во кои е вмешан Мицкоски ниту пак срамот од бројните судски случаи, од „Плацеви на Водно” па се до „Титаник” против членови на партиското раководството на најкриминалната партија во Европа, потенцираат од СДСМ.

Претходна вестДвајца пијани прилепчани тешко повредиле полицаец
Следна вестИма покачување на цената ама нема недостаток на масло за јадење, тврди Бектеши