Глава не можеме да кренеме од партиски вработувања, изјави денеска претседателката на државната Антикорупциска комисија Билјана Ивановска на седницата на којашто е решено да се поднесат повеќе иницијативи за одговорност на одредени државни и општински функционери.
-Владата треба да ги слуша нашите препораки и да ги препрочитува ревизорските извештаи, потенцира претседтаелката на ДКСК.
Инаку, од Комисијата до владата ќе поднесат иницијатива за одговорност на директорот на Агенцијата за филм. Се наведува дека тој наместо да вработува ангажирал лица за договор на дело и со тоа недомаќински ги трошел јавните пари, а и вршел влијание на нив поради статусот кој го имале. Ќе се поднесе и иницијатива за поведување кривична одговорност за неколку градоначалници на Радовиш, како за актуелниот така и за претходните, заради тоа што 12 пати без оглас ангажирале директор на општинско јавно комунално претпријатие.
За директорот на државни патишта, Комисијата ќе поднесе иницијатива за утврдување одговорност под сомнежи дека местел тендери. Ќе се расчистува и случајот со енормно високите суми од 75 до 95 илјади денари месечно за лицата кои вршеле надзор за косење трева покрај патиштата.
До ДКСК се стасани материјали за случајот со Клиниката за онкологија, но тие ќе бидат проследени до надлежните институции имајќи предвид дека за него веќе се води истрага во обвинителството.