Со интервенциите во членовите 353, 353в и 394 во Кривичниот законик не се придонесува кон зајакната борба против корупцијата и организираниот криминал. Напротив, се зголемува ризикот од политички пазарења и трговија со влијание, реагира денеска Антикорупциската комисија.
ДКСК во своето соопштение наведува дека Кривичниот законик како еден од столбовите на правниот систем, треба да го штити функционирањето на правната држава.
-Со донесувањето на измените и дополнувањата на овој закон во Собранието и тоа со молскавична брзина, по скратена постапка и употреба на европското знаменце, односно на начин со кој не се дозволува широка јавна расправа, експертска дебата ниту анализа на последиците што ќе ги предизвика ова законско решение, сериозно се загрозува правната сигурност во државата, се наведува во обраќањето.
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) е изненадена и загрижена од ваквиот начин на донесување на законот, дотолку повеќе што во меѓувреме Министерството за правда побара од ДКСК да достави мислење по Предлог – законот за изменување и дополнување на Кривичниот законок, со рок за произнесување до 20 септември 2023 година.
-Борбата против корупцијата и натаму ќе остане само декларативна, потенцираат антикорупционерите.