Антикорупциската комисија, на денешната седница, донесе одлука да го запре постапувањето по предметот за договорот за снимање со дрон на шумски површини во скопската котлина за рана детекција на растителни болести од страна на Град Скопје, каде што е ангажирана фирмата на партнерот на министерката за образовани и наука, Мила Царовска.
-Постапката е спроведена согласно Законот за јавни набавки. Објавена е и планирана со годишниот план за јавни набавки. Спроведени се сите постапки преку електронскиот систем. Се јавил само еден кандидат. Склучен е договорот и реализиран е во рамки на планираните средства. Наводите во јавноста дека фирмата е избрана со влијание на министерката не се потврдени. Постапувањето по предметот се запира, констатира Антикорупциска.
Овој договор пред неколку месеци го објави ВМРО-ДПМНЕ и изрази сомнеж за злоупотреби, додека од Град Скопје обвинија дека ВМРО-ДПМНЕ креира наводни скандали и ја труе јавноста со измислици.
На новинарско прашање, пак, министерката Царовска тогаш рече дека нема можност да влијае на одлучувањето во локалната самоуправа и дека и пред да биде на функција, фирмата на нејзиниот партнер склучувала договори за јавни набавки со државни институции.