Антикорупциската комисија и денеска предупреди дека продолжила праксата именувањето на в.д. директори да се врши неколкупати по ред без да се распише конкурс и се врши разрешување или отповикување директори пред истекот на мандатот.
-В.д. директорите се именуваат и без положен испит, а управните одбори не распишуваат конкурси и чекаат прво Владата да одлучи што треба тие да преземат, што, пак, доведува до отсуство на отчетност и транспарентност, изјави денеска претседателката на комисијата Билјана Ивановска.
Вакво предупредување имаше и лани во ноември. И тогаш државните антикорупционери преку направената анализа предупредија дека назначувањето на в.д директори немало за цел да се надмине некоја состојба за пополнување на раководно место, туку да се искористи како единствениот начин овие лица да бидат поставени на функција. Имало и случаи едно исто лице да се избира за в.д. директор по шест по седум пати, случаи во кои не се почитуваат законите со кои во рок од петнаесет дена треба да се распише конкурс за директор.
Иваноска денеска предупреди дека тие се немоќни да реагираат. Ниту еден закон не давал можност за санкционирање, а ДКСК нема надлежност за покренување иницијативи пред судовите. Единствена можност била да се донесе законот за висока раководна служба, кој беше доставен до Собранието минатата година. Во предложениот закон предвидено е формирање на посебна Комисија за ВРС со статус на самостоен државен орган, формирање на посебни одбори за поединечни селекции и слично, се со цел да се гарантира целосна професионализација на раководните позиции во 130 институции.
Но, од тоа ништо. Значи ли ова дека Антикорупционерите само ќе предупредуваат, а во праксата карванот со именувањата на партиските кадри ќе врви…!?