Антон Попов пред да биде стрелан во Софија напиша: „Умирам горд со името на својот народ…“

„Беснееја на македонската земја разни господари. Срби, Турци, Грци, Бугари… Тогаш, од македонската нива сите тие береа. До денеска само на еден правото не го признаа. Правото на Македонецот да ја ора својата земја и единствено тој да го бере плодот од својата нива. Стариот господар на таа земја, правото на големиот македонски дух – не беше признат. Кој ги инспирира настојувањата да се избрише македонското сознание, македонското име, да не го признаваат правото на македонскиот народ да биде господар и чувар на својата родна земја?“

Вака во својот „Дневник“ одамна пишуваше 23-годишниот Антон Попов. Тоа беше јасна негова определеност дека својот живот ќе го посвети на борбата за отстранување на таа голема историска неправда и за правото на Македонецот да биде свој на своето.

Го споменуваме овој голем македонски деец оти е роден на денешен ден пред 108 години. Светот го здогледал во село Игуменец, Петричко.

Тој станува основоположник и член на Македонскиот литературен кружок во Бугарија кој делува во периодот од 1938 до 1941 година учествувајќи и во националното и антифашистичкото движење. Три години Антон работеше неуморно во кружокот – држеше реферати за стихови или раскази, учествуваше во организирањето литературни читања, екскурзии, вечеринки и во собранија на емиграцијата… Освен тоа тој ги придобиваше истакнатите писатели за борба против војната, учествуваше во работата на македонската партиска група, пишуваше репортажи, стихови, и со што тој се оформи наполно како македонски патриот. Во своите стихотворби изразува нежна љубов спрема својата татковина, спрема својот народ: ја искажува својата вера во блиското ослободување и обединување на Македонија. Во репортажите, пак, тој ги открива страдањата, маките на работниците, црта потресни слики од експлоатацијата на тутунските производители, на жените и на децата. Во тоа време ја напишал статијата „Дали постои македонска нација“, во која дава образложен позитивен одговор.

Во есента 1941 година, заедно со својот неразделен другар Никола Вапцаров, тој се вклучува на партиска работа и го започнува илегалниот живот исполнетиот со опасности и ризици. Тој пренесува луѓе од составот на ЦК од стан на стан, купува и им приготвува храна, пренесува оружје и парични средства касно во ноќта, вешто ги уништува трагите од будното око на полицијата и станува раководител на борбени групи. Но, во групата е вовлечен провокатор и по само неколку месеци настанува провала со која на 4 март е фатен Вапцаров. Антон Попов иако има извесна можност да се скрие, сепак тој не превзема ништо. Смета дека треба да ја продолжи работата, особено по таквата провала. Но, полицијата е по неговите траги и на 24 април 1942 година го апси.

На 22 јули воениот суд во Софија ја изговори својата пресуда: на смрт беа осудени Антон Иванов, Атанас Романов, Никола Вапцаров, Антон Попов, Петар Богданов и Георги Минчев. Забележано е и тоа дека истиот ден се венчава со свршеницата Росица Манолова.

Во писмото пред стрелањето запишал: „Умирам за еден нов свет, којшто ќе огрее со толку светлина, со толку убавина, така што мојата жртва за него не е ништо. Умирам горд со името на својот народ, за чие што добро работев до последен миг, за чија што добра иднина умирам“.

Изречената пресуда е извршена веќе утредента на 23 јули 1942 година. Тогаш, на софиското гарнизонско стрелиште пред стелачкиот строј се најде Антон Попов, како и Никола Јонков Вапцаров, двајца писатели кои своето творештво и општествен ангажман целосно го посветија на борбата за ослободување и правата на македонскиот народ.

Претходна вестУФЦ спетакуларно ја најави борбата помеѓу Волкановски и Махачев
Следна вестРобот стана директор на приватно училиште, школарината изнесува 32.000 фунти годишно