До Собранието барање за апанажа поднеле 44 пратеници од минатиот парламентарен состав, информира на денешниот брифинг со новинари Талат Џефери, претседател на македонскиот парламент. Рокот за пријавување на поранешните пратеници за овој вид надомест е завршен.
Законот за плата и другите надоместоци на пратеници во Собранието и другите избрани и именувани лица предвидува пратеник да може да остварува плата и по престанувањето на мандатот за време до една година, и тоа: три месеци ако мандатот на пратеникот траел до шест месеци, шест месеци доколку мандатот на пратеникот траел од шест месеци и еден ден до 12 месеци, девет месеци ако мандатот на пратеникот траел од 12 месеци и еден ден до 24 месеци и 12 месеци ако мандатот на пратеникот траел 24 месеци и еден ден и повеќе.
Истовремено, остана непознато какви планови имаат останатите пратеници кои не се избрани повторно или, пак, кои не се вратиле на поранешните работни места. Односно, колкумина пратеници решиле да ја прифатат понудата на премиерот Зоран Заев да им се најде вработување во јавниот сектор иако ветуваше дека администрацијата во државата ќе се намали за 20 проценти. Сепак тој неодамна изјави дека сака да им помогне на пратениците од поранешниот собраниски состав.
-Голем процент од поранешниот пратенички систав ќе има од мене лично понуда да се вгради во јавните институции. Не зборувам за директорски места, туку зборувам за позиции кои што ќе значат искористување на нивното драгоцено искуство и капацитет, да може да влезат во самите институции и да продолжат да креираат за својата држава, затоа што кога извршувале највисоки државни функции, редно е тие профили кои имаат свои експертизи и профили да придонесат во функција на државата, рече Заев додавајќи дека е убеден оти со тоа 50 до 60 отсто од апанажите веднаш ќе опаднат.
Сега останува да се види колкумина пратениците се решиле на тоа – пак да и помагаат на Македонија?