Во синоќешната дискусија околу фамозниот француски предлог и необјавената од Владата преговарачка рамка – во парламентот настапи и лидерот на „Левица“ Димитар Апасиев. Тој својот говор го подели на три дела, а се обрати и до пратениците Албанци и до оние од СДСМ и на крајот до македонскиот народ. Искажа скептичност дека нашата генерација ќе дочека Македонија да влезе во ЕУ.
На пратениците од СДСМ им порача:
– Со Преспански, сѐ ви кажавме како ќе биде однапред. Затоа сте „северномакедонци“. Со вакви дипломати, толку можеме, за жал.
Ќе дојде денот, кога нашите сограѓани ќе ве прашаат: што правевте кога ја силуваа Македонија? Кога едната рака ѝ ја држеше ЕУ, а другата Америка? Тогаш нема да можете да ги гледате во очи.
Во пораката до македонскиот народ истакна:
-Не паѓајте во духот, победата наша не е далеку. Секогаш сме биле на правилната страна на историјата. Еднаш победивме фашисти, ќе победиме пак.
Смрт на фашизмот, слобода на народот и затвор за предавниците!, истакна Апасиев.
Инаку, во обраќањето кон пратениците Албанци тој меѓу другото ги праша, како би им било нив ако некој каже дека Скендербег е Србин или Хасан Приштина дека е Турчин затоа што е роден во тогашна Турција…