Апасиев: Прво нè игнорираа, нè исмеваа, па нè напаѓаа, а сега ни се плашат!

Левица во новиот парламентарен состав ќе има 6 пратеници. Над 68.000 граѓани на Македонија го дадоа гласот за партијата која ја раководи Димитар Апасиев. Малку фалеше да имаат уште еден пратеник од третата изборна единица.

Претседателот на Левица, преку Фејсбук истакна дека ова е доказ „за неумоливоста и вербата на секој наш член, гласач, поддржувач, симпатизер и граѓанин кој верува во нашата искреност и визија за подобра иднина“.

Тој се заблагодари на сите членови на партијата за посветеноста, пожртвуваноста и истрајноста наспроти притисоците. Се заблагодари и на гласачите:

-Вашата храброст да постапите различно од сите останати, вашата мудрост да ги препознаете искрените заложби наспроти бројните лаги и манипулации во етерот, како и вербата во нашата работа и кауза е катализатор на промените кои претстојат. Ја разбираме тежината на одговорноста што ни ја доверивте и ветуваме дека чесно и доблесно ќе работиме за да бидеме достојни на Зборот даден кон вас. Идејата за поубава Македонија е жива и преку нашата работа во законодавниот дом ќе ја чуваме и работиме на нејзина реализација. Вашиот глас ни даде простор да се залагаме за политики кои даваат приоритет на благосостојбата на граѓаните, заштита на животната средина и на националните ресурси, унапредување на состојбите во здравството, образованието, правосудството, но и заштита на националното прашање и македонскиот идентитет…

Заедно докажавме дека трулиот систем може да се изигра. Дека најголема закана за него се чесните граѓани организирани во борбена работничка Партија, кои се спремни да бидат над матрицата на клиентелизмот и личниот интерес понуден од „змијата“ (СДС) или „магарето“ (ДПМНЕ).

Дека токму тие луѓе исфрлија шест нечесни и на нивно место донесоа шест чесни народни пратеници, а разликата допрва ќе ја сведочиме. Со Левица, нема веќе инфериорни Македонци во сопствената држава! Со цел да нè запрат – прво нè игнорираа, потоа нè исмеваа, па нè напаѓаа, а сега, веќе ни се плашат! Затоа, Борбата не смее да запре, сè додека не ги победиме!, напиша Апасиев.

Инаку тој во друга прилика на Фејсбик посочи:

-Левица и официјално стана втора партија во Аеродром и Кисела Вода, а му дише во врат на СДС во нивните довчерашни бастиони – Карпош и Центар! Нашето пророштво за ПАСОКИЗАЦИЈА почна да се остварува од главниот град на Татковината. Од вчера СДС на „Нашата Земја“ стана СДС под „Нашата Земја“, напиша Апасиев.

 

 

Претходна вестБраво, Ѓорческа ја елиминира првата носителка на фјучерсот во Трнава
Следна вестКога посериозно ќе се решава проблемот со бездомните кучиња во Скопје?