Новиот Совет на Град Скопје ќе биде раководен од ново мнозинство, а не како до сега од СДСМ и ДУИ. Сега, ВМРО-ДПМНЕ и Коалиција за обнова на Македонија, Левица и Алијанса за Албанците обезбедија мнозинство од 24 советници во 45-члениот Совет на Град Скопје. Во создаденото мнозинство ВМРО-ДПМНЕ со своите партнери учествува со 18 советници, Левица има 4 а Алијансата за Албанците и Алтернатива имаат два. Надвор од советничкото мнозинство остануваат СДСМ со своите коалициски партнери со 12 советника, ДУИ со пет, ЛДП/ДОМ со 2 и Зелен хуман град 2.
Веста за создавањето на ново мнозинство во Советот на Скопје од партиите кои е во опозиција во македонскиот парламент на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук ја објави и лидерот на Левица Димитар Апасиев.
– Развластувањето може да почне! Сантим-по-сантим, напиша Апасиев, пренесувајќи го и партиското соопштение на Левица.
-Ја известуваме јавноста дека досегашната парламентарна опозиција во македонското Собрание, преку своите освоени советници во Град Скопје на последните Локални избори 2021, обезбедија апсолутно мнозинство од 24 советници од вкупниот број на 45 советници во Советот на Град Скопје. Новото градско мнозинство ќе функционира по принципот на конкретна соработка на точно одредени програмски проекти кои се во јавен интерес на народот и исклучиво за доброто на локалните жители и на месното население. Со ова, обзнануваме дека актуелната владина коалиција на СДС и ДУИ ќе биде опозиција во градот Скопје! Следуваат многу подобри денови во раководењето со градот, во корист на сите жители на Скопје и на неговите општини, се потенцира во соопштението.