Преговорите со ЕУ не треба да се прекинат, меѓутоа треба да влеземе во ЕУ како Македонци. Се случуваат геополитички тектонски пореметување, и ние треба да го фатиме курсот на новиот светски поредок – во којшто ЕУ ќе биде само слуга на Америка, оцени денеска Димитар Апасиев, лидер на опозициска партија Левица.
Во изјавата која е објавена на Фејсбук страницата на оваа партија Апасиев наведува дека „има повеќе алтернативи, и секој свесен политичар треба да ги игра сите“.
– Европската е само една од алтретнативите. Нашиот став е да не се затвара вратата потполно, но, да не се става сѐ на една карта. Видовме дека тоа е погубен став за нашата надворешна политика. Затоа, ни треба реструктурирање. Гледајќи децении нанапред, ЕУ нема да биде веќе толку примамлива колку што е сега. Ние треба да дадеме се, а тие ништо, и тоа го иритира народот, наведува тој.
Апасиев смета дека постојат многу алтретнативи, како Движењето на неврзаните, БРИКС, Европската економска заедница, зближување со други светски сили, како и Отворен Балкан, што претставува дамнешна левичарска идеја за Балканска конфедерација. Според него, отворен е и концептот за Евро-азиската Унија и дека треба да се игра со сите земји од ОН и регионални иницијативи.
-Алтернативи има, само затворен ум не ги гледа. Ум кој е еврофундаменталистички и платен од Сорос, и тоа не може да го види. За среќа, 75 отсто од народот тоа го гледа веќе, и според последните анкети толкав процент од Македонците се против овој предлог. Такашто, ќе дадеме се од себе овој предлог да не помине. Но, повторно го повикуваме народот, бидејќи без него не можеме сами да се бориме, нагласи Апасиев.