Апел до возачите своите возила да ги паркираат совесно и одговорно заради унапредување на личната и безбедноста на другите учесници во сообраќајот на патиштата, упати денеска Републички совет за безбедност во сообраќајот и на патиштата. Во него се вели дека потребата за паркинг места е сѐ поистакната заради континуираниот пораст на бројот на моторни возила во РСМС, зголемениот број на жители во населените места и модерните навики на луѓето за почесто користење на индивидуално моторно возило наместо јавен превоз или разни форми на одржлива мобилност (пешачење, возење велосипед и сл.).
-Кога паркирањето не е регулирано, може да предизвика низа неповолности за возачите, како на пример: зголемен стрес кај возачите, продолжено време за пристигнување на посакуваната дестинација, зголемени трошоци, нарушување на просторот наменет за пешаци, узурпирање на зелени површини, запирање и паркирање на места наменети за инвалидизирани лица, повреди на законските регулативи, можни казни за возачите и сл., укажуваат од РСБСП
Заради унапредување на состојбата со паркирањето и зголемување на безбедноста на сообраќајот, РСБСП повикува:
- паркирајте го возилото на места означени за тоа,
- не користете мобилен телефон додека паркирате,
- во паркинг просторот возете забавено и внимавајте на другите возила и пешаците,
- внимавајте на сообраќајните знаци кои се однесуваат на паркирањето,
- не паркирајте на места обележани за паркирање на возила на лица со попреченост,
- не паркирајте преку обележаните ленти за паркирање – почитувајте го просторот за секое возило, и др.