Центарот за македонски јазик од Лерин, Грција останува без дозвола за работа откако Апелациониот суд на Западна Македонија во грчкиот град Кожани донел ваква одлука.
Грчкиот портал vetonews.gr денеска објави дека одлуката е донесена откако е уважена жалбата на обвинителот од Лерин, како и на неколку грчки здруженија. Тие до Апелациониот суд во Кажани поднеле жалба откако Основниот суд во Лерин донел одлука со која се дозволува основање и функционирање на Центарот за македонски јазик во Грција.
-Се прифаќаат аргументите на обвинителот и на организациите и се отфрлаат причините за работата на конкретниот центар во Грција, се наведува во информацијата на грчкиот портал.
Се наведува и изјавата на правниот застапник на Центарот за македонски јазик Кирос Спондос кој рекол дека се уште ја немаат добиено одлуката но извесно е дека ќе поднесат жалба до повисока судска инстанца, како и до Европскиот суд за човекови права.
Центарот за македонски јазик од минатата година е првата организација која директно се грижи за македонскиот јазик и беше регистрирана и призната од грчките државни органи. Целта на Центарот за македонски јазик е зачувување на македонскиот јазик во Грција, организираше бесплатни онлајн курсеви по македонски и се залага за воведување на македонскиот јазик во јавното образование во Грција и за признавање на македонскиот јазик како малцински јазик во земјата. Други активности на Центарот вклучуваат поддршка за обука на наставници по македонски јазик, документирање на локални македонски дијалекти и следење на кршењето на човековите права на македонските говорници.