Потврда на пресудата, преиначување или, пак, враќање на предметот на повторно судење се опции кои денеска може да ги изрече Апелацискиот суд кој ќе решава за првостепено изречените пресуди за Бојан Јовановски – Боки 13 и Катица Јанева. Ова второстепена судска инстанца ќе решава по поднесените жалби од обраната и на обвинителството во случајот „Рекет“. Познато е, Бојан Јовановски – Боки 13 е осуден на 9, а поранешната специјална обвинителка Катица Јанева на 7 години затвор. Јовановски е осуден за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а Јанева за злоупотреба на службената положба и овластување.
Двајцата неправосилно осудени се наоѓаат во домашен притвор. На Јовановски паралелно му се суди и во случајот „Меѓународен сојуз“ каде е првообвинет. Јанева, пак, се наоѓа во Гевгелија откако во септември лани побарала наместо во Скопје, во родниот град да ја издржува мерката притвор.