Архиепископот Стефан: Да се чуваме од меѓусебни поделби, коишто водат до нарушување на нашето сенародно единство

Порака да се спречат поделбите и да се сочува македонско единство упати во своето Велигденско послание, поглаварот на МПЦ-ОА архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

-Во ова време кога засилено се поддржуваат и се шират овоземни, минливи и распадливи вредности, ние, како православен народ, да се придржуваме до евангелските пораки, не заборавајќи дека Христос е ист вчера, и денес, и во вечни векови. Да веруваме во секој Христов збор, зашто небото и земјата ќе минат, но зборовите Негови нема да поминат. Така, соединети во Неговото име, да се трудиме да живееме согласно со богатото предание на нашите предци, сведочејќи за Него преку празнувањето на триумфот на животот над смртта. Па, да се чуваме од меѓусебни поделби, коишто водат до нарушување на нашето сенародно единство, и да не забораваме: нашиот македонски народ низ вековите се одржал затоа што за свој темел Го имал Христа Бога и Неговите вечни вредности, а за своја мајка ја имал Црквата, потенцира во Посланието архиспокопот Стефан.

Архиепископ потенцира и тоа дека годинашниов Велигден, за првпат по забранувањето на дејноста на Охридската Архиепископија во 1767 година, МПЦ-ОА го прославува во радоста на единството со сите останати помесни Православни Цркви.

-Му благодариме на воскреснатиот Христос Бог поради тоа, и просиме Неговата благодат богато да се излева врз православниот македонски народ, но и врз сите што живеат на просторите на нашата Македонија, и да нè сочува од разните поделби и непријателства. Единството во Православието и признавањето на нашиот автокефален статус нека ни бидат поттик за градење и за чување на нашето духовно и национално единство, се наведува во посланието.

Тој додаде дека воскреснатиот Син Божји Исус Христос ја извојува победата за сиот човеков род, како победа на светлината над темнината, на вистината над лагата, на правдата над неправдата и на животот над смртта!

-Христовиот живоносен гроб се покажа како извор и за нашето воскресение. Тој неповторлив настан е најава и потврда за сеопштото воскресение, бидејќи знаеме дека Оној Кој Го воскресна Господа Исуса и нас ќе нè воскресне. Со тој настан секому му е дадена можност во своето срце да Го всели Христа, па, преку Него и со Него, да биде достоен учесник во вечниот живот. Така, Бог, како наш Создател, ја положил во нас вечноста, до која можеме да стигнеме само преку Христа, и тоа уште овде – на Земјава. Ако Го возљубиме Бога и ги љубиме луѓето, преку исполнување на евангелските пораки, тогаш ќе бидеме подготвени за сеопштото воскресение, се наведува во пораката.

Претходна вестНаучниците предупредуваат: Немојте да пиете повеќе од еден засладен пијалок неделно
Следна вестПријавени над 1.600 случаи на сексуална злоупотреба во детска болница