Новогодишното украсување во Скопје уште е топ тема во јавноста и покрај многуте големи проблеми што го стискаат главниот град. Скопската градоначалничка Данела Арсовска по повеќедневно молчење реши да проговори околу тоа. По низа реакции на скопјани околу изгледот на првично поставената елка и околу поставувањето и на втората елка во непосредна близина, таа објаснува дека суштинско прашање е износот на трошоците што се плаќаат секоја година за украсувањето.
Врзано со тоа, Арсовска, во вчерашното интервју за порталот „Инфомакс“ го пецна и нејзиниот претходник на градоначалничката функциј Петре Шилегов околу високите трошоци што ги плаќал градот за украсувањето во текот на неговиот мандат.
–Нема една, шест елки има на Плоштад, а не знам како никој до сега не прашал како се давале по 300.000 евра за украсување на градот. Сега китењето чини 30.000 евра, порано чинело 300.000 евра. Треба да разбереме една работа, ние славиме Божиќ на 7 јануари, секоја година се кити во исто време. Јас, еве, им ветувам на граѓаните догодина ќе почнеме од септември да китиме. Меѓутоа, во држава во која се се краде, му се цица крвта на народот, тоа не е тема, се товарат со хидроцентрали и тоа не е тема, туку елката на плоштад. Некој го боли оти утре нема да може да краде. За мене, поважно е сите овие ранливи категории на кои им овозможуваме цела година да имаат топол оброк, да има каде да преспијат, купивме две возила кои со години не биле купени со кои се транспортираат лица со физички попречености. И тоа не е важно, важна е елката. Секој ден одбирам да помогнеме на тие луѓе, наместо да имаме елка од 300.000 евра и пак имаме елка и не една, туку шест елки. Не мора знаеме кој човек да зема 300.000 ерва за китење, тоа е кум на Петре Шилегов, рече Арсовска.
Ќе одговори ли на ова Шилегов?
Тој деновиве упатуваше повеќе иронични коментари околу начинот на којшто е украсен градот во овој претпразничен период. Кога тој беше градоначалник за украсувањето на Скопје за новата 2020-та година беа потрошени 285.000 евра, а за дочек на 2021-ва година 243.000 евра.
Инаку, Шилегов вчера ја повика Арсовска да поднесе оставка за да се одржат нови избори за градоначалник на Скопје.
–Нашето Скопје сериозно се наоѓа во процес на целосна девастација. Почитувана Арсовска, заминете си!!! Поднесете оставка!!!, објави тој на својот профил на Фејсбук додавајќи дека „нема намера ниту носталгија за оваа функција“.