По три години ВМРО-ДПМНЕ призна дека блокадата на градот е оркестрирана, а Скопје ќе остане нечист град и без функционален јавен превоз се додека градскиот Совет не ги изгласа потребните програми и планови за 2024 година, изјави денеска градоначалничката Данела Арсовска. Таа одржа прес-конференција на која зборуваше за вчерашната средба со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа Златко Перински. Таа рече дека на средбата предложила решенија за проблемите со кои се соочува Град Скопје, но како што рече, средбата наликувала на „политички циркуз за добивање политички поени”.
– 45 советници земаат по 500 евра од седница. Да не постоеше Советот јас ќе бев најдобар градоначалник. Власт е претседателот Трајко Славевски и Советот. Не можам да имплементирам нешто за кое утре ќе одам во затвор. Предложивме вонредна седница за програмата на „Комунална хигиена“ , ние веќе сме во втората половина на годината и не е донесена. Предложивме план за набавка на еколошки автобуси, нешто што јас само треба да го потпишам. Побаравме Владата да исплати 8 милиони евра долг од 2021 кон ЈСП за студентите. Тие предложија повлекување на средствата за изградба на булеварот „Хасан Приштина“, што е уцена за нас овој предлог и неприфатлив. Плановите за „Комунална хигиена“ не се изгласани, затоа не може да биде подеднакво чисто, затоа недостигаат 120 работници. Програма за животна средина не е донесена седум месеци. Ќе дојде ноември и некој ќе каже дека немаме чист град. Ова е и за проблемот со квалитетот на воздухот. Програмата за сообраќај не е изгласана седум месеци, за проблемите со главните улици и булевари…, наведе Арсовска.
Градоначалничката потенцира дека се бара само политичка волја и да се одблокира Советот, затоа што штетата ја трпат само граѓаните.
-Перински е неискусен во оваа работа, но ќе поднаучи кои се ингеренциите на Советот и на Градоначалникот и ако знае дека доколку советниците од неговата партија не ги блокираа програмите за јавните претпријатија, Скопје немаше да биде во состојбата во која се наоѓа. Побараа нов план и беа изненадени и дека тоа го прифативме, затоа што сакаат да креираат проблеми. Ние ќе правиме нов план па да видиме дали тој ќе им се допадне, рече градоначалничката.
Додаде дека доколку Владата ги слушаше нејзините планови сега ќе имавме целосно нов возен парк.
-Нели ги ветуваше Мицкоски автобусите покрај мене? Во Скопје ме гласаа 45 советници, но тука во Советот не гласаа ништо. Да можев без нив, до сега градот ќе беше тип-топ. Го немам направено само она кое што Советот не гласа. Станав непопуларна градоначалничка откако ги фатив со рачињата во медот. Секој знае дека без овие Програми не можете ништо да направите, потенцира Данела Арсовска.