Арсовска и Мазнева не дојдоа на седница на Советот на Скопје, ѓубрето веќе не било проблем по градот

Без присуство на градоначалничката Данела Арсовски и директорката на ЈП „Комунална хигиена“, Косана Мазнева-Николиќ се одржува денешната седница на Советот на Град Скопје посветена на проблемите со собирањето на ѓубрето по скопските населби. Вонредната седница е закажана по барање на опозициската СДСМ, а на неа советниците сакаа лично да побараат информации Арсовска и Мазнева – Николиќ. Претседателот на Советот, Трајко Славески, изјави дека од Арсовска не добил никакво известување дека таа нема да биде присутна на оваа седница. Тој кажа дека седницата ја закажал уште во понеделникот, а од градоначалничката наредниот ден добил допис во кој му било соопштено дека ѓубрето се собира, но не добил одговор дали таа ќе го присуствува или не на денешната вонредна седница.

Координаторката на советничката група на СДСМ, Љубица Јанчева во својот настап побара Арсовска да си поднесе оставка поради неспособноста да го менаџира градот.

-„За ваква сериозна тема градоначалничката ја нема. Повторно молк и неодговорен однос. Арсовска го бликираше Скопје, го остави без превоз, а сега го затрупа во ѓубре. Што е следно, да остане без вода? Арсовска треба да си поднесе оставка, рече Јанчева.

Јанчева воедно ја осуди и постапката на директорот на јавното претпријатие „Дрисла“ бидејќи не дозволил отпадот кој градоначалниците на Кисела Вода и Аеродром да биде одложен во депонијата.

Координаторката на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ Марија Андоновска рече дека нема зошто да се одржува седницата и тие меѓусебно да дебатираат кога Арсовска ја нема.

-Во оваа ситуација нема ништо поважно за градоначалничката освен да биде на седницата и да одговара на прашањата на граѓаните. Денеска е ова, утре ќе биде нешто друго, задутре ќе биде уште пострашно, затоа треба да сме денеска тука, да дебатираме за истите, да најдеме решение бидејќе нема никакво оправдување кога утре ден ќе ни се случи поголема катастрофа од ова што ни се случи пред некој ден, рече Андоновска.

Советникот од СДСМ, Гордан Шутаров предложи редовно чистење и миење на сите улици во Скопје, дезинфекција и дезинсекција на местата каде што се лоцирани контејнерите, но и на контејнерите, итна набавка на пет нови камиони за собирање смет, итна набавка на пет нови еколошки чистачи на улици.

Претходна вестЧетворица повредени во сообраќајка на магистралниот пат Охрид – Кичево
Следна вестПристигна ново охрабрување од ЕУ, сега бил моментот да се смени Уставот