Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ да не заборават дека на Скопје му требаат работници, а не кавгаџии

Кога скопјани очекуваа во градот ечат градежни машини, за жал почнаа да ечат кавги кавги меѓу скопската градоначалничка Данела Арсовска и раководството, советниците и директорите на градските претпријатија од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Штета. Ќе се надмине тоа брзо или…?

Што со ветените проекти за Градот Скопје? Дали тие вистински ќе се реализираат или само ќе добиваме уверувања и од двете страни дека кавгата нема да ги ремети реализациите на ветените проекти?

Градоначалничката Арсовска завчера изјави дека ќе продолжи со реализација на најавените проекти од нејзината програма.

-Тие проекти се на Скопје, а не мои лични. Тука сме да работиме за граѓаните. Не сум слушнала дека советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја прекине поддршката. Тие се должни да работат во интерес на скопјани, да добијат проекти. Тие треба да гласаат за проекти од интерес на скопјани. Граѓаните се важни. Ниту една партија или поединец не се поважни од волјата на луѓето, рече Арсовска.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, синоќа рече дека ќе поддржат се што е во интерес на Скопје.

-На масата кај Арсовска е програмата „За модерно Скопје“ што беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ. Се од таа програма што ќе се постави пред Советот, ќе поддржиме. Ние и посакавме успешна работа и да почне да ги спроведува проектите, и за тие проекти ќе има безрезервна поддршка од ВМРО-ДПМНЕ. Но, засега не можеме да видиме дека тоа се прави, нагласи Мицкоски.

Останува да почекаме и да видиме што ќе направат. Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ да не заборават дека на Скопје му требаат работници, а не кавгаџии. Неработници е полна централната власт – доста е од такви.

Скопјани очекуваат продобрени услови за живот. Скопјани очекуваат реализација на програмата на Арсовска која ја поддржа ВМРО-ДПМНЕ, а содржи бројни проекти: бесплатен автобуски превоз, пет нови мега паркови, пет нови булевари, гасификација на градот, сообраќаен коридор „Мавровка“, 250 нови еколошки автобуси, нов луна парк…

 

Претходна вестМицкоски: Власта се исплаши од успешен референдум, Арсовска не остварува резултати
Следна вестСинтетички дроги плаќани со криптовалути пристигнувале во Македонија по поштенски пратки