Нападите врз мене се од луѓе кои потрошија милиони од средства на скопјани по кафеани и кои не реализираа ни пет проценти од она што им го ветија на граѓаните, изјави денеска скопската градоначалничка Данела Арсовска. На прес-конференцијата одржана по повод 82 дена откако стапи на функцијата таа рече дека се исполнети нејзините ветувања за овој период.
Според неа, овој период бил доволен да се покаже и докаже дека со искрен пристап и напорна работа, администрацијата во служба на граѓаните ќе овозможи враќање на довербата, со спроведување проекти за поубав град.
-Покрај нападите кон мене во изминатиов период од луѓето кои потрошија милиони од средствата на скопјани, за свои лични хирови за прослави по кафеани, а при тоа не исполнија ни 5% од она кое го ветуваа 4 години, јас можам пред скопјани да потврдам дека таквите денови се веќе минато. Повеќе нема трошење пари на граѓаните за лични цели, градот се води домаќински, а проектите кои ги реализиравме и ќе ги реализираме во периодот кој следува ќе бидат доказ за тоа, истакна градоначалничката Арсовска.
Таа додаде дека заедно и со поддршка на граѓаните, Скопје ќе се раководи одговорно, транспарентно, во служба на сите граѓани.
-Парите на граѓаните нема да се трошат на прослави и кафеани, и луксузирање од поединци, нема да се злоупотребуваат привилегиите, поради кое однесување Градот е оставен со милионски долгови, потенцираше Арсовска.