Чест и задоволство ми е да им соопштам на граѓаните дека за прв пат по 60 години отпочнуваме со целосно чистење и санација на старата градска депонија Вардариште, соопшти попладнево градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
Таа рече дека актуелното градско раководство го направи она кое што не му успеа на ниту едно претходно, а тоа е да стави крај на една од најголемите опасности по животот и здравјето на граѓаните.
Според неа, во студијата изготвена за градот Скопје во 2014 година, која беше игнорирана од двајца претходни градоначалници беше констатирано со примероци од подземна вода, отпад од телото на депонијата и присутните гасови, дека депонијата е во метанска стабилна фаза, а согласно гантограмот од динамиката на работите, времето за реализација на еден ваков комплексен проект изнесува 26 месеци.
– Со варијантата со која би се задржале далноводите на својата местоположба, се прави заштитен појас од 12 метри лево и десно, по што следи изградба на спортски игралишта, одвоено од остатокот на локацијата со зелена зона со високо зеленило. На северозападната страна планирани се дополнителни спортски содржини и терени, за централниот и североисточниот дел расад на рози, а за јужната страна изградба на парк на 60 илјади метри квадратни. Со заедничка активност на Градот Скопје и јавните претпријатија „Комунална хигиена“ Скопје, „Улици и патишта“, „Паркови и зеленило“ и сите расположливи ресурси на градот, ставаме крај на оваа депонија – рече градоначалничката.
Арсовска додаде дека на местото на депонијата ќе биде изграден голем спортски комплекс со спортско-рекреативни содржини и терени како и нов мега парк. Оваа локација од место кое е опасно по здравјето на граѓаните градот Скопје, според неа, ќе се претвори во локација за спорт и рекреација која ќе влијае позитивно на здравјето на граѓаните и ќе го подобри квалитетот на живот.
– Ова е реализација на уште еден успешен проект од програмата За модерно Скопје, со кој покажуваме дека доколку се сака и се знае како, може да се делува и работи поинаку. Нашите сограѓани заслужуваат да живеат во здрава и еколошки чиста животна средина, рече таа.