Арсовска не смее да го решава загадувањето исто како и Шилегов

Загадениот воздух се вдоми во Скопје. Синоќа македонската метропола пак се искачи на самиот врв на светските градови по загаденоста на воздухот. Со 282 микрограми на кубен метар воздух нашиот главен град беше на неславно второ место, веднаш зад најзагадениот Лахоре во Пакистан. Загрижувачко.

Утрово, состојбата само нешто се подобри бидејќи во 6 часот имаше концентрација од 162 микрограми. Со тоа Скопје беше на девето место на листата на најзагадени градови. Очигледно, загадувањето на воздухот е градски проблем кој одново потсетува дека не е решен. Џабе биле сите фалења на претходниот градоначалник Шилегов дека го намалил загадувањето. Од сегашна гледна точка се чини дека загадувањето всушност го намалувал ветерот, но ете сега го нема…

Значи, новата градоначалничка Арсовска нема време за губење, треба веднаш да се преземаат конкретни мерки за скопјани да не дишат отровен воздух. Секако, засукување на ракавите треба да направат и владините сектори.

Скопјани вчера можеа да видат политички пресметки околу тоа кој е одговорен за труењето. Па така, поранешниот градоначалник со ироничен коментар „Go green“ на својот Фејсбук профил укажа дека градот е прекумерно загаден асоцирајќи, очигледно, на новата градоначалничка Данела Арсовска. Меѓутоа, тој не кажа како тоа се случи да градот, за чиј воздух тој тврдеше дека е исчистен и дека таква опасност веќе како и да не постои, одеднаш, по само 40-тине дена откако Арсовска стапи на функција стана толку загаден!? Ако неговите мерки давале резултат, што се случило во меѓувреме за да воздухот повторно биде загаден? 

Од друга страна, пак, новата градоначалничка Арсовска и најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ веднаш возвратија. Арсовска порача дека Шилегов нема право да се жали и дека „ветерот бил главна системска мерка“. Најави и дека Градот Скопје презема цел сет од комплементарни мерки за да се спречи загадувањето. Но, освен дека се чистат дивите депонии и дека за првпат има драконски казни, таа не објасни какви се мерки ќе се преземаат. 

Арсовска не смее да го решава загадувањето исто како и Шилегов. Скопјани и дадоа доверба и сега таа е на потег. 

Претходна вестКога надлежните вистински ќе се сетат на скопскиот аквадукт, на „Стибера“…?
Следна вестЗаев заминува, заминува ли и специјалниот преставник Бучковски?