Арсовска: Нема никаков недостаток на возачи во ЈСП, сега се примаат 36 нови

Нема никаков недостаток на возачи во Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, напротив сега има нови 36 лица што се приклучиле на последниот јавен оглас, изјави денеска скопската градоначалничка Данела Арсовска. Таа одговори на новинарско прашање во врска со бројот на возачите во Јавното сообраќајно претпријатие Скопје по информациите во медиумите дека има бран на заминување на возиачите.

-Значи има интерес за лица кои сакаат да работат и да живеат во Македонија, а не надвор од нашата држава, и тој што го пласира тоа за да сее страв и да изврши некаков притисок во јавноста преку медиумите и да влијае на самиот углед на претпријатието, ќе си добие соодветна пријава. Таа нема да биде за клевети туку за кривично дело, затоа што ова веќе ги надминува сите граници на нашето нормално живеење и комуницирање со јавноста, рече Арсовска.

Таа на денешната прес-конференција при потпишувањето на Меморандум за соработка со НУ Спомен куќа на Мајка Тереза, повтори дека немаат примено никакви дотации од Владата и покрај тоа што претходно се примале милиони евра и дека ЈСП продолжи да функционира и за време на криза со 400 до 500 проценти поскапени енергенси без, како што посочи, да се добие ниту еден денар дотација.

-Не може некој да сее страв и паника меѓу граѓаните, а тие секојдневно да се прашуваат дали ќе стигнат на своето работно место или не, затоа што некој си дозволува неказнето да пласира невистини по јавноста и медиумите, изјави Арсовска и замоли прашањата за ЈСП да се испратат директно до претпријатието за да се добијат информации од прва рака.

За ситуацијата со приватните превозници и тврдењата дека немаат примено приходи од август, таа вели дека тоа се невистини, политички манипулации и лаги.

-Некој се обидува свесно да наштети, знам дека сум таргет на сите најголеми политички чинители во државата, јасно ми е дека коалицијата СДСМ-ДПМНЕ функционира перфектно. Секој ден се што имаат да пласираат, напаѓаат само еден човек. Јас тоа го гледам секојдневно, потенцираше Арсовска

Претходна вестНовите автомобили во Европската унија ќе поскапат во просек за 600 евра поради данокот на јаглерод
Следна вестСтопанската комора поднесе Иницијатива за уставноста на Законот за данок за солидарност