Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска се јави со соопштение по повод денешниот ден – одбележување 80 години од ослободувањето на нашето Скопје.
-Денес одбележуваме важен јубилеј, одбележуваме 80 години од ослободувањето на нашето Скопје – момент кој значи не само ослободување од тешкото бреме на војната, туку и почеток на самостојност, независност и непрекината борба за подобро утре. Овој историски ден е симбол на победата на духот, на решителноста и храброста на генерациите што со својата пожртвуваност ја донесоа слободата за сите нас. Тие херои, со неуморната борба за правда и достоинство, ни оставија аманет да го негуваме и почитуваме она што тие го постигнаа – да го градиме Скопје како град на успеси и перспективи. 80 години подоцна, ние сме сведоци на независна и суверена Македонија, и Скопје како нејзин центар на културата, напредокот и единството. Оваа годишнина е момент да се обврземе и да ги вложиме нашиот труд и посветеност за нови победи и постигнувања во иднината. Со гордост и почит да се однесуваме кон споменот на нашите предци и нивните дела, и обединети во напорите да го направиме нашиот град поубав, поуспешен и посветол за идните генерации, порача Арсовска.