Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, по којзнае кој пат не се појави на седницата на Советот на Град Скопје, каде што беше закажана седница на која советниците треба да ѝ поставуваат прашања.
На 52-рата седница на Советот, која беше со една точка на дневен ред, поставување советнички прашања, не беше обезбедено присуство на градоначалничката.
Советниците од СДСМ се откажаа од работа, оти, како што велат, нема поента да прашуваат што било, кога Арсовска ја нема да одговори.
– Советничките прашања се седница каде се поставуваат прашања до градоначалникот. Ако тој не е присутен, ние нема да учествуваме во работата на седницата – советничката од СДСМ, Љубица Јанчева.
По реакцијата на Јанчева, претседателот на Советот, Трајко Славески, даде пауза од 10 минути за да ја побара Арсовска.
– Стандардна е процедурата да ја повикам градоначалничката да дојде во салата, бидејќи се бара нејзино присуство, рече Славески.
По завршувањето на паузата, Арсовска не се појави во салата за да одговара на советнички прашања. Советничката Јанчева повторно реагираше до претседателот Славески, дека ќе ја напуштат салата бидејќи Арсовска ја нема.
– Бидејќи не се создадени услови за одржување на седницата за советнички прашања, истата ја заклучувам. Ве охрабрувам сепак да поставувате советнички прашања во писмена форма, за што имате право, до градоначалничката, секретарот и до сите служби и да да барате одговори. Се надевам дека во скоро време Арсовска ќе се појави за да имаме седница за советнички прашања, рече Славески.