Арсовска прифати да ја предаде Универзалната сала на Владата да ја заврши реконструкцијата

smart

Универзална сала ќе ја преземе Министерството за култура, откако скопската градоначалничка Данела Арсовска се реши да ја предаде концертната сала на Владата за да се доправи. На седницата на Советот на Град Скопје која ќе се одржи в четврток Арсовска предлага точка за предавање на Универзална сала по барање на Министерството.

-Донираната проектна документација за реконструкција на Универзална сала, во периодот на мандатот на претходниот состав на Советот на Град Скопје (2017-2021), не соодветствува со состојба на терен при изведбата, нотирано со записници од 6, 7, 8 и 9 месец 2021 година. Поради тоа што нема можност да се продолжи со измени во тек на градба, затоа што законот тоа го дозволува само во случај на градба, а не и при реконструкција како во конкретниот проект, а соодветно на донесениот Заклучок на Советот на Град Скопје, како и во согласност со позитивните законски прописи, во надлежност на Советот на Град Скопје е да ја донесе Одлуката за пренесување на право на реконструкција, доградба и надградба на Универзална сала во Скопје, се вели во одлуката предложена од Арсовска.

На почетокот на јули годинава Советот на Град Скопје со 26 гласа „за“, односно со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, ја изгласа иницијативата за Владата да ја преземе Универзална сала. Тогаш беше заклучено градоначаничката на Град Скопје, Данела Арсовска, треба во рок од 7 дена да изготви одлука за предавање на Универзална сала на Министерството за култура.

-Се задолжува градоначалникот на Град Скопје во рок од седум работни дена да подготви предлог-одлука за времено отстапување на Универзална сала на Министерството за култура и тој предлог да го достави до Советот на Град Скопје на првата наредна седница. Се задолжува градоначалникот на Град Скопје да подготви договор за промена на инвеститорот на Универзална сала од Град Скопје во Министерство за култура, стои во заклучокот по гласањето на иницијативата.

Универзална сала почна да се реновира во септември 2021 година во мандатот на поранешниот градоначалник Петре Шилегов, но градежните работи беа прекинати по доаѓањето на Арсовска. Првиот обид времено Владата да ја преземе Универзалната сала пропадна во март годинава кога за Иницијативата гласаа 15 советници, шестмина беа против и четворица беа воздржани.

Универзална сала е затворена 7 години и оттогаш обновата никако да се заврши. Градежните работи за реконструкција почнаа во септември 2021 во мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов. Според проектот, салата требаше да се гради во две фази, прво надворешноста за што беа обезбедени околу 2 милиона евра од Владата и префрлени на наменска сметка на Град Скопје. По завршување на надворешноста ќе се преминеше кон втората фаза, внатрешноста. Според најавите, првата фаза требаше да биде готова до крајот на 2022. Но, по доаѓањето на функција на Арсовска градежните работи беа прекинати. Градоначалничката го обвини минатото раководство на Градот дека е виновно што концертната сала не се гради оти направило небезбеден проект.

Претходна вестПроменливо облачно и нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер
Следна вестСе слави Свети Јоаким Осоговски, светител кој остави пророштво дека неговата црква „нема да се запусти“