Најава дека бесплатниот јавен превоз во Скопје ќе се буџетира во 2024 година и апел до градските советници да ја изгласаат одлука за сукцесивна набавка на 250 градски автобуси, упати денеска градоначалничката Данела Арсовска. Одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на проектот „Подобрување на водоснабдувањето за населените места Рашче, Копаница, Бојане, Буковиќ, Ласкарце, Чајлане и Семениште во општина Сарај таа рече дека свесниста на советниците се уште не е на потребното ниво.
-Пред советниците беше доставена одлуката со која требаше да почнат сукцесивно да се набавуваат 250 еко-автобуси, меѓутоа кај нив за жал свесноста не е на тоа ниво да разберат дека за нашите граѓани е неопходно да имаат јавен превоз со кој ќе стигнат до секоја можна локација. Апелирам во интерес на граѓаните да ја изгласаат оваа одлука, затоа што ова е нешто кое што не би требало да има политичка заднина, порача Арсовска.
Во делот на бесплатниот јавен превоз, Арсовска рече дека ова е проект што ќе се буџетира во 2024 година. Одлуката ќе биде ставена пред советниците кога ќе гласаат за буџетот во 2024 година.
-Најавувам дека од следниот буџет, веќе го буџетираме бесплатниот јавен превоз за сите граѓани. Ќе биде ставена и оваа одлука пред советниците кога ќе гласаат за буџетот во 2024 година, додаде Арсовска.
На денешната свеченост во Сарај во друштво на Арсовска беа и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети и дел од врвот на оваа партија која е дел од владината коалиција. Водоводот којшто наскоро треба да го добие месното население ќе опфати над 11.000 жители на општина Сарај и околу три илјади домаќинства.
Лидерот на ДУИ, Ахмети во обраќањето нагласи дека многу проекти можат да се реализираат доколку постои соработка меѓу политичките фактори, нагласувајќи дека потврда за тоа е соработката меѓу Сарај и Град Скопје.