Артан Груби на црната листа на САД поради корупција

Американскиот Стејт Департмент ги стави на „црната листа“ поранешниот вицепремиер и висок функционер на ДУИ, Артан Груби и судијата во Апелацискиот суд Енвер Беџети. Според соопштението на американското министерство за надворешни работи, двајцата биле вмешани во „значителна корупција“ со прифаќање мито за уривање на судските процеси против поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Мијалков, меѓу првите, уште во 2022 година се најде на црната листа на САД, исто така поради корупција.

На најновата листа се најдоа и членовите на најтесното семејство на Артан Груби. Согласно одлуката, Груби и Беџети нема да смеат да влегуваат во САД, а визите, доколку ги имаат, ќе им бидат поништени.

-Денешното именување на Артан Груби и Енвер Беџети е доказ дека политичкото мешање во судството не може, и нема, да се толерира. Соединетите држави ќе продолжат да ги именуваат оние кои се вклучени во значителна корупција што ги поткопува демократските институции и ја нарушува довербата на јавноста. Никој не е над законот, а одговорноста е суштинска за напредок, порача преку социјалните мрежи амбасадорката на САД во Северна Македонија, Анџела Агелер.

Последното „освежување“ на листата со лица од Македонија, САД го направија во март годинава, кога на неа се најдоа поранешната главна обвинителка на СЈО, Катица Јанева и актуелниот градоначалник на скопската општина Карпош, Стевчо Јакимовски.

Претходно, во декември 2023 година на „црната листа“ беше сместен и поранешниот вицепремиер и бизнисмен Кочо Анѓушев.

Пред него, од април 2022 досега, на листата завршија и експремиерот Никола Груевски и поранешниот шеф на тајната служба Сашо Мијалков. Во јуни 2023 следуваше и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, а по него бизнисменот Јордан Камчев со неговата мајка Ратка, како и рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина. Паралелно и неколку нивни компании беа блокирани.

Претходна вестУтре во Скопје протестен марш „За чист воздух“
Следна вестГруби: Посветено работев за членство во ЕУ и НАТО, одлуката на Стејт департментот ме засега директно и лично