Владата, согласно своите законски надлежности, да ги заштити правата на осигурениците и преку измени во Тарифникот да ги намали цените на полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност, побара денеска Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО)
АСО како регулатор на пазарот на осигурување уште еднаш јавно информира дека е целосно неоправдан и без основа потегот со кој осигурителните компании ги зголемија цените на осигурувањето од задолжителна автомобилска одговорност.
Клучните аргументи против зголемување на цената се наведени во анализата што е доставена до надлежната комисија при Министерството за финансии.
-Зголемувањето на цената на осигурувањето не е во функција на јакнење на заштитата на осигурениците. Напротив, ова зголемување на цените е само и исклучиво во функција на покривање на трошоците за оперативно работење на компаниите за осигурување, се додава во соопштението.