Австралија утре ги отвора границите по речиси две години затворање

Австралија, потпирајќи се на високата стапка на вакцинација против коронавирусот, утре за првпат ќе пречека меѓународни туристи по речиси две години од затворањето на нејзините граници.

Отворањето на Австралија за туристите е најјасен показател за напуштање на строгиот пристап во борбата против пандемијата на коронавирус и посветеноста на коегзистенција со вирусот со вакцинација, со цел да се намали смртноста и бројот на тешки случаи на болеста. Најголем број од 2,7 милиони случаи на инфекција со коронавирус во земјава се забележани со пристигнувањето на варијантата „омикрон“ на крајот на ноември.

Сепак, со една од највисоките стапки на вакцинација во светот – повеќе од 94 проценти од луѓето на возраст над 16 години – се пријавени нешто помалку од 5.000 смртни случаи, само мал дел од стапката на смртност во многу други развиени земји.

Според Ројтерс, олабавувањето на граничните правила ќе биде голем поттик за авиокомпаниите, хотелите и другите туристички компании, односно секторите кои се најмногу погодени од блокадата и другите строги ограничувања. Последните вести доведоа и до зголемување на акциите на туристичките компании и авиокомпаниите, при што акциите на „Квантас“ пораснаа за повеќе од пет отсто, а на тур-операторот „Флајт Центар“ за повеќе од седум отсто.

Строгите гранични контроли и брзите блокади и помогнаа на Австралија да ги задржи инфекциите со коронавирус далеку под оние на многу споредливи земји, но случаите во последниве недели достигнаа рекордни нивоа поттикнати од сојот омикрон кој брзо се шири.

Сепак, бројот на дневни инфекции и болнички случаи забави минатата недела, а Австралија денеска објави нешто повеќе од 23.000 нови инфекции, што е најмал број оваа година и далеку од врвот од 150.000 регистрирани пред околу еден месец.

Претходна вестЧетири автобуси и две патнички возила вршеле меѓународен превоз на патници без соодветна документација
Следна вестПротест на кандидатите за полагање испит за директори во училиштата