Австрија е пред купување на околу милион дози на руската вакцина „Спутник В“ и покрај фактот што таа се уште не е одобрена од Европската агенција за лекови (ЕМА). Ова вест денеска ја објави канцеларијата на австрискиот канцеларот Себастијан Курц.
-Не смее да има геополитичка тесноградост кога станува збор за набавка на вакцини. Единственото нешто што треба да се гледа е дали вакцината е ефикасна и безбедна, рече Курц, потврдувајќи дека Австрија преговара со Русија за купување на „Спутник В“ и дека од април Москва понудила испорака на милион дози.
Австрискиот премиер е под голем број критики од опозицијата затоа што неговата влада не купи доволно вакцини против Ковид-19 преку централизираниот систем на ЕУ, додека Курц тврди дека системот потфрлил.
Тој упорно се залага за одржување на добри односи со Русија и нагласува дека сака неговата земја да биде мост меѓу Истокот и Западот.
Врз основа на последните клинички испитувања во февруари, научниците утврдија дека ефикасноста на Спутник В е 92 проценти. Резултатите од студијата беа објавени во стручното списание „Лансет“.
Спутник В досега е одобрен од 58 земји. Од земјите на ЕУ, само Словачка и Унгарија ја купија руската вакцина, а Унгарија веќе ја спроведува.