Автобусите на ЈСП денеска возат до 9 часот, а потоа ќе се чека на декемвриската плата

Синдикатот на најголемиот градски автобуски превозник ЈСП „Скопје“ синоќа реши автобусите утре да возат само до девет часот претпладне. Дали потоа ќе сообраќаат, ќе зависи од тоа дали на вработените ќе им биде исплатена декемвриската плата.

Вработените во 10:30 часот ќе одат на протест пред бараките на Град Скопје, каде што треба да се одржи седница на Советот на која треба да се изгласаат субвенциите за ЈСП.

Автобусите изутринава сообраќаа по редовен возен ред. Во 9 часот автобусите на ЈСП ќе бидат паркирани во базите на претпријатието во Автокоманда и во Ѓорче Петров каде ќе ја чекаат одлуката на Советот на Скопје.

-Вработените имаат срце и душа да им излезат во пресрет на граѓаните на Скопје, на болните лица, децата, вработените за да може да стигнат на своите работни места. Меѓутоа во 9 часот сите автобуси се повлекуваат во базите. Во 10:30 часот вработените на ЈСП ќе бидат пред Собранието на Град Скопје каде во 11 часот почнува вонредната седница на советот околу субвенционирањето на јавното претпријатие, изјави синоќа претседателот на Синдикатот, Миќо Стојановски.

По состанокот, Стојановски рече дека зависно од епилогот од седницата на Советот ќе зависи дали автобусите на ЈСП ќе продолжат да возат.

-Доколку исходот од утрешната седница е позитивен и се донесе одлуката онака како што ние ја бараме и кога на сметките на вработените ќе се префрли декемвриската плата, автобусите ќе продолжат да возат. Се надевам дека така ќе продолжи и целата 2024 година за да не се случуваат вакви настани каде ќе ги малтретираме нашите корисници на услуги, тоа се граѓаните на Скопје и мислам дека таа пракса што ја практикуваат советниците во Град Скопје ќе престане еднаш засекогаш, рече Стојановски.

Советничката група на СДСМ не гледа пречка за позитивна реализација на единствената точка од дневниот ред на седницата, ама од ВМРО-ДПМНЕ се децидни дека нема да дадат зелено светло без отчет за тоа каде се трошат овие пари.

-Досега се дадени рекордни милионски износи за субвенции за ЈСП, а се бележат и рекордни загуби. Притоа ниту ЈСП, ниту Данела Арсовска имаат дадено отчет за тоа како се трошат овие пари. Советничката група на ВМРО ДПМНЕ нема да прифати без отчет, на слепо и овој пат да се доделат субвенции за ЈСП, велат од опозициската партија.

Претходна вестВедро, тивко и многу студено
Следна вестОбвинителството со детали за сообраќајката кај Табановце: Патничка од кумановското возило излегла, а во тој момент на неа налетало возило со српски ознаки