Десет лица се убиени, а повеќе од 30 се повредени во Њу Орлеанс, кога возило влетало во улица преполната со луѓе три часа по Новата година. Улицата „Бурбон“ во Француската четврт, една од најпознатите улици во Њу Ореланс, била преполна со луѓе кои сè уште го славеле дочекот на 2025 кога, според очевидците, возилото влетало во насобраните, по што возачот наводно излегол од возилото и почнал да пука со оружје кон луѓето кои панично бегале. Полицијата сè уште не потврдила дали било возачот пукал во насобраните.
-Настанот се случил околу 3.15 часот, во кој бил инволвиран возач со возило пик-ап кој со голема брзина влетал во улицата Бурбон, што го направил со јасна намера. Тој се обидел да прегази што е можно повеќе луѓе, изјави Ан Киркпатрик, шефицата на полицијата на Њу Ореланс.
Повредените се пренесени во пет болници низ градот, откако се здобиле со повреди од нападот. Според полицијата, бројот на повредени може да биде и поголем од 35, бидејќи сè уште си пријавуваат повредени во сите болници во областа. Меѓу повредените има и еден полицаец.
Градоначалничката на Њу Орлеанс, Латоја Кантрел, нападот го оквалификува како „терористички“ и ги замоли граѓаните да не се приближуваат до местото на инцидентот.
-Она што го знаеме дека градот Њу Ореланс беше погоден од терористички напад. Ја молам јавноста да се држи осум блока понастрана од улицата Бурбон, изјави Кантрел.
Очевидците од околните барови велат дека виделе како камионет со голема брзина влетува во луѓето кои биле на улицата по што слушнале истрели. Тогаш почнале да трчаат и да се кријат под масите, по што дошла полицијата. Кога им било дозволено да излезат надвор, морале да минат покрај телата на убиените и повредените во нападот.
Инцидентот, освен што се случил на крајот од новогодишните прослави во Њу Орлеанс, кога сè уште имало многу луѓе по улиците, се случил и само неколку часа пред почетокот на четвртфиналниот натпреват во америикански фудбал во лигата на колеџите, на кој се очекувале да има илјадници гледачи.