Прекин на воените дејствија во регионот Нагорно Карабах во Азербејџан. Според претседателот на таа земја Илхам Алијев, Азербејџан го ставил под целосна контрола кавкаскиот регион кој инаку е населен со Ерменци.
-За само еден ден „антитерористичките мерки“ против сепаратистите таму беа успешно завршени и суверенитетот на земјата беше вратен, истакна Алијев.
Власта во Нагорно Карабах се согласила да се прогласи прекин на огнот и да ги разоружа своите борци. Се најавува дека денеска ќе почнат разговорите за „реинтеграција“ на Нагорно Карабах во Азербејџан.
Инаку, руските мировни сили кои се таму распоредени посредуваа за прекин на огнот. Ерменија и Азербејџан се борат за Нагорно Карабах уште од советско време. Регионот е меѓународно признат како дел од Азербејџан, но од крајот на сепаратистичката војна во 1994 година е контролиран од етничките Ерменци.
По еднодневниот судир Омбудсманот во Нагорно Карабах, Геган Степанјан, информираше за најмалку 200 загинати лица, меѓу кои десет цивили и повеќе од 400 повредени. Овие бројки не може да се проверат од независен извор. Според Москва, убиени се и неколку руски војници.