Џо Бајден објави дека целосно го помилувал својот син Хантер, кој се изјасни како виновен по обвинувањата за даночно затајување и илегално купување оружје. Американскиот претседател претходно инсистираше дека нема да го направи тоа пред да му истече мандатот.
-Потпишав помилување за мојот син Хантер. Од првиот ден кога ја презедов функцијата реков дека нема да се мешам во донесувањето одлуки на министерството за правда и го држев мојот збор, иако гледав како мојот син го гонат селективно и неправедно. Ниеден разумен човек кој ги разгледува фактите за случаите на Хантер не може да дојде до друг заклучок освен дека тој беше издвоен само затоа што е мој син, изјави Бајден.
Помилувањето се однесува на сите прекршоци од периодот меѓу 1 јануари 2014 и 1 декември 2024.
Хантер Бајден, кој се лекувал од зависност од дрога, се соочуваше со пресуда за давање лажна изјава и поседување оружје. Во септември, тој се изјасни како виновен за федерални обвиненија дека не платил даноци од 1,4 милиони долари, додека во исто време трошел големи пари на дрога, проститутки и луксузни работи. Пресудата требаше да биде изречена на 16 декември.
Републиканците го осудија потегот на Бајден и побараа помилување и на лицата осудени за упадот во Конгресот на 6 јануари 2021.
Бајден, чиј син Бо почина од рак на мозокот во 2015, рече дека неговите противници се обиделе да го скршат Хантер со селективно гонење.
-Јасно е дека Хантер бил третиран поинаку. Обвиненијата во неговите случаи се појавија дури откако беа поттикнати од неколкумина мои политички противници во Конгресот со цел да ме нападнат и да се спротивстават на мојот избор. Во обидот да го скршат Хантер, тие се обидоа да ме скршат мене, рече Бајден.