Бајден: Не сум за прекин на огнот во Газа

Американскиот претседател Џо Бајден ги отфрли повиците за прекин на огнот во Газа, велејќи дека тоа нема да донесе мир.

– Сè додека Хамас се придржува до својата идеологија на уништување, прекинот на огнот не е мир. Хамас ќе користи каков било прекин на огнот за да ги наполни своите ракетни резерви, да ги прегрупира борците и да ги обнови нападите врз невините. Нашата цел не треба да биде да ја запреме војната денес, војната треба да заврши засекогаш. Треба да го прекинеме циклусот на континуирано насилство и да изградиме нешто силно во Газа и на целиот Блиски Исток за да не се повтори историјата, стои во авторскиот текст на Бајден објавен во Вашингтон пост.

Бајден го повика Израел да го почитува хуманитарното право и да ја минимизира загубата на цивилни животи. Тој рече дека решението за две држави е единственото трајно решение за конфликтот во регионот и дека во меѓувреме треба да има влада под палестинската администрација.

– Додека се стремиме кон мир, Газа и Западниот Брег треба повторно да се обединат под единствена владејачка структура, на крајот под ревитализирана палестинска управа, додека работиме на решение за две држави. Не смее да има принудно раселување на Палестинците од Газа, нема повторно – окупација, опсада или блокада и без намалување на територијата. Им нагласив на израелските лидери дека екстремното насилство врз Палестинците на Западниот Брег мора да престане, вели Баједн.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека Израел мора да ја задржи „целосната воена одговорност“ во Газа „во догледна иднина“. Бајден рече дека САД се подготвуваат да ги забранат визите за „екстремистите“ кои напаѓаат цивили на Западниот Брег.

Насилството на израелските доселеници врз Палестинците кои живеат на окупираниот Западен Брег се зголеми по нападот на Хамас на 7 октомври.

– Им нагласив на израелските лидери дека екстремното насилство врз Палестинците на Западниот Брег мора да престане и дека сторителите на насилството мора да одговараат, рече Бајден.

Западниот Брег е дом на три милиони Палестинци кои живеат меѓу повеќе од половина милион еврејски доселеници.

Претходна вестСтоп за смртта на патиштата: Во Македонија, минатата година, 124 лица го загубија животот во сообраќајни незгоди
Следна вестНад 450 пациенти потенцијално се заразени со ХИВ и хепатитис во болница поради погрешен третман