Американскиот претседател Џо Бајден нема да се извини за атомските бомбардирања на Хирошима и Нагасаки во 1945 година, изјави во средата советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан. Одговарајќи на новинарско прашање дали Бајден има намера да се извини за фрлањето атомски бомби од САД врз јапонските градови, Саливан рече дека американскиот претседател нема да даде изјава во Меморијалниот парк на мирот во Хирошима.
Бајден денеска пристигна во Јапонија, каде што ќе присуствува на самитот на Групата седум (Г7) во Хирошима. Тој слета во базата на американскиот марински корпус во Ивакуни, која се наоѓа на околу 50 километри југозападно од Хирошима.
Бајден е вториот актуелен американски претседател по Барак Обама кој ја посети Хирошима, градот уништен од првиот напад со атомска бомба во светот од страна на САД во последните денови од Втората светска војна.
Тој треба да го посети Меморијалниот музеј на мирот во Хирошима во петок со другите лидери на Г7 пред почетокот на дискусиите кои ќе се фокусираат на клучните глобални прашања, како што се војната во Украина, снабдувањето со храна, чистата енергија, вештачката интелигенција и нуклеарното разоружување.