Балансерот е прочистен од лицата кои се во странство, во него се само резидентните граѓани

Балансерот од денеска е прочистен. Од него се извадени сите лица кои се попишани во Италија, Швајцарија, Германија, а остануваат само резидентите жители на Македонија, соопшти на денешната средба со новинари новиот министер за дигитална трансформација Стефан Андоновски. Тој рече дека времето на балансирање по етнички клуч останува во минатото, но со почитување на Уставот кој гарантира соодветна и правична застапеност.

– Токму денес, бројките на дигиталната алатка балансер се променети да одговараат на пописните резултати исклучиво на резидентното население од пописот во 2021 година. Што значи дека лицата тнр. попишани во држави како Италија, Швајцарија, Германија и други нема да бидат дел од дигиталната алатка балансер за вработување во Македонија, рече Андоновски.

Тој објасни дека укинувањето на балансерот ќе оди во фази.

-Во првата фаза ќе се вратиме на законските основи на Пописот од 2021 година, а потоа со закон и промена на методологијата ќе одиме кон целосно укинување на алатката балансер при што целосно ќе се почитува темелната вредност на Уставот – соодветна и правична застапеност на етничките заедници, порача денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Тој нагласи дека со тоа ќе се стави крај првично да се биде од некој етникум, а потоа да се биде професионалец во некоја област и да се има квалитет и образование. Стручноста ќе биде пред изборот на етничката припадност.

– Денеска е првата владина седница на којашто ќе бидат разговарани некои основни прашања за функционирањето на Владата. Знам дека граѓаните имаат големи очекувања сите работи да биде направени брзо, но мислам дека за ова е потребна сеопфатна дискусија во рамки на Владата, да видиме кои се начините да не се повреди темелниот принцип на Уставот – соодветна и правична застапеност на заедниците, но во исто време прво да ја гарантираме мериторноста, ефикасноста, квалитетот, образованието и искуството на вработените, а не да го гледаме нивниот етнички предзнак, изјави Андоновски.

Претходна вестНова измама почнува да се шири на социјалните мрежи, злоупотребени јавни личности
Следна вестДејан Митески е новиот заменик-градоначалник на Општина Аеродром