Балканските градови се обединија за чист воздух

Европскиот фонд за Балкан во соработка со неколку невладини еколошки организации од регионот започнува кампања под мотото „Обединет Балкан за чист воздух“ со која се повикуваат надлежните институции од Западен Балкан и граѓаните со заеднички сили да спречат 13500 предвремени смртни случаи годишно кои се резултат на изложеност на загадениот воздух.  Како главен извор на отровот тие ги лоцираат електраните на јаглен кои се распространети ширум земјите на Западен Балкан.

Според нивните анализи, во 2016 година, 16 термоелектрани на јаглен на Западен Балкан, чиј број останува ист до денес, испуштиле повеќе сулфур диоксид од сите 250 вакви постројки што работат во Европската Унија заедно.

Исто така, потсетуваат дека во ноември 2020 година, шесте земји заедно во Софија се обврзаа на Зелената агенда за Западен Балкан, со што презедоа обврска да ги следат политиките на ЕУ и нејзиниот европски зелен договор.

Договорот предвидува достигнување на климатска неутралност, заедно со неутралност на јаглерод, до 2050 година.

Во кампањата учествуваат повеќе граѓански здруженија од Белград, Тирана, Тузла, Приштина, Подгорица и Air Care од Скопје.

Претходна вестВторото полугодие почна, а до каде е националната платформа за онлајн-настава?
Следна вестАман од пироман: Запалени контејнери во Дебар маало