Новородено машко бебе починало откако било родено во битолската болница „Трифун Пановски“. На новороденчето му се влошила состојбата по раѓањето, а таткото Драгољуб Китоски тврди дека 18 часа не му било соопштено дека нешто со неговото дете не е во ред, а со тоа му била одземена можноста да го спасува во други болници.
-Моето бебе Лука беше родено добро во битолската болница во петокот, но од мистериозни причини, после 18 часа криење од страна на персоналот на неонатологија во болницата во Битола ми беше соопштено дека е во критична состојба и мора да се транспортира итно за Скопје, а неколку часа подоцна ни се јавија дека го изгубиле за време на транспортот, вели за „Слободен печат“ Драгољуб Китоски од Ресен, татко на бебето.
Кога се влошила состојбата бебето било пренесено на Клиниката за детски болести во Скопје, од каде велат дека бебето било донесено во клиниката без знаци на живот.
Таткото Драгољуб вели дека откако неговата сопруга Зимбрета Тунтевска се породила со царски рез во петокот се било во ред и со неа и со бебето. Никој од болницата не им кажал дека е поинаку. Меѓутоа, во петокот вечерта, неговата сопруга добила прашање од болничкиот персонал додека лежела на интензивна нега опоравувајќи се од царскиот рез – дали е алергична на нешто. Тука им станало сомнително дека нешто со бебето се случува.
-Ден после породувањето, отидов да го видам бебето. Ме испратија да купам пелени. Кога се вратив со пелените и побарав да го видам син ми Лука, докторката на неонатологија во Битола, ми кажа „бебето е во критична состојба, потребни се потписи од двајцата родители и итно да се транспортира за Скопје“. По ова, следела и веста дека бебето починало во текот на транспортот.
Клиничката болница „Трифун Пановски“ во Битола во официјален став испратен до редакцијата на „Слободен печат“ соопшти дека родилката Зимбрета Тунтевска чие бебе Лука ненадејно почина во саботата – имала неконтролирана бременост. Се наведува дека мајката е примена во петокот, на 14 јуни и дека се жалела на болки изминатите два дена. Испратена била од матичен доктор кој дотогаш ја водел нејзината бременост а испраќањето било со цел да се породи.
-Пациентката за прв пат се јавила на преглед при ЈЗУ Клиничка болница Битола истиот ден, ѝ бил извршен ЦТГ преглед, се покажало дека има контракции и извршен е елективен царски рез. Пациентката боледувала од астма. На пациентката ова и е трета неуредно контролирана бременост, со претходни еден царски рез и еден спонтан абортус. Истата дава податок дека за време на бременоста посетувала два различни матични доктори и за прв пат доаѓа на Оддел за гинекологија и акушерство при ЈЗУ Клиничќка болница Битола за преглед. Истата дава податок дека била со болки претходните два дена – што е потврдено и од страна на ЦТГ преглед – и заради таа причина матичен доктор ја упатил на преглед во Оддел за гинекологија и акушерство, велат од Клиничка болница Битола во официјално соопштение.
Во него се додава дека во 11 часот и 43 минути со царски рез породено е машко новороденче со апгар 5,77 кое на раѓање било аспирирано и кратко реанимирано.
-Во саботата, во 13 часот и 25 минути, состојбата на новороденото нагло се влошува поради што се повикани двајцата родители да дадат писмена согласност за транспорт на новороденото бидејќи транспортот на новореденото е со висок ризик. На двајцата родители им е објаснето дека состојбата на новороденчето е ризична. Транспортот е реализиран во најбрз можен рок. Телото на новороденото е предадено за обдукција во Одделение за патолошка анатомија со цитологија, додаваат од Клиничка болница Битола.
Гинекологот доктор Тони Анастасиевски за „Слободен печат“ тврди дека тоа не е вистина и дека Зимбрета барем 6 пати, во периодот од 15-тата до 35-тата гестациска недела имала редовни контроли кај него, во неговата приватна ординација.
-Бременоста ѝ е контролирана, изјави доктор Анастасиевски.