Белчева бара анкетата за ДУП-от за Мал Ринг да се одложи по септември

Повлекување на анкетата за ДУП-от за Мал Ринг во општина Центар која што е закажана за 22 јули побара денеска Јана Белчева-Андреевска, поранешна претседателка на Советот на оваа скопска општина.

Во дописот до градоначалникот, Советот и Комисијата за урбанизам Белчева, која што сега е советник во општинскиот Совет, предлага ДУП-от на увид на јавноста да се стави по септември годинава.

Овој ДУП е особено значаен за градот бидејќи со него се дефинира срцето и самиот центар на нашиот град, бара посебно внимание и суптилно решавање, и мора да покаже дека е производ на заедничка стручна и јавна расправа, низ демократски, отворен, партиципативен и сеопфатен процес. Закажаната јавна анкета во време на пандемија, во сред лето, но и во политички сензитивен момент кога сите очи се вперени во резултатите од изборите не покажува исчекор од начинот на носење на планови за Центар, потенцираа таа во дописот.

Белчева потсетува дека за Мал Ринг се наследени објекти и земјиште кои се нелегално продадени, предмет беа на процеси и обвиненија од СЈО, и кои денеска се постапки во судови и обвинителства: Шпански скали, Мајка Тереза меморијалниот објект, катната гаража во зеленилото зад Собрание и Дом на АРМ, сите споменици од СК 2014, објектите во коритото на Вардар, па дури и спорната ќебапчилница пред хотел Холидеј Ин.

-Новиот ДУП е план за Зелена престолнина со изгубено зеленило, а без решение за озеленување. План е за стимулирање и привлекување на возила кон центарот на градот нудејќи им паркинг под плоштадот (на 2 нивоа), зад АРМ, зад Министерство за Правда, зад Палома Бјанка…., со што ќе трпи протокот на јавниот превоз во и кон Центарот. Може ли ова да е решение за загадувањето кое го трпиме во Центарот? Планот не претставува исчекор и планирање на центарот со нови вредности и потреби, тој покажува немоќ за справување со предизвиците, аргументира Белчева.

Претходна вестСерверот на ДИК „стани-падни”
Следна вест5 пациенти починале од вирусот, 164 се новозаразени, најмногу во Скопје и Св. Николе