Надоместок од 15 денари не се плаќа за пластични кеси за носење на стоки и не подлежат на стандардите за биоразградливост се оние кои се даваат на потрошувачите во продавници каде се продаваат стоки што не се за секојдневна општа употреба како книги, облека, обувки, алати, електрична и електронска опрема, продавници за покуќнина, занаетчиски дуќани, за сувенири, уметнички галерии, за козметички производи, аптеки (земјоделски, за медицински помагала и сл.), појаснуваат од Министерството за екологија по недоразбирањата кои се појавија во јавноста.
– Овие кеси се препорачува да бидат подебели (над 50) како би можеле да се употребуваат повеќекратно и да се отстранат во контејнерите за пластика (жолт контејнер) од каде би се однеле на рециклажа во локалните компании за рециклирање и кај самите производители на пластични кеси кои повторно од нив би направиле нови кеси, велат од Министерството.
Исто така и кесите за ѓубре не се опфатени со овие мерки, бидејќи идејата е во овие почетни мерки да се опфатат субјектите што тргуваат со стока за секојдневна широка и најмасовна потрошувачка, за подоцна да се примени и во останатите места за продажба.
Она што е дозволено да се продава по цена од 15 денари се биоразградливи кеси за носење на стоки што се произведени согласно пропишаните стандарди за биоразградливост објавени во Правилникот за стандардите за биоразградливост – во мини маркети, супермаркети, гранапи, пиљарници, мали продавници за секојдневни намирници, пекарници, киосци, киосци за брза храна, зелени пазари, бензински станици со минимаркети.
Многу лесните пластични кеси за носење на стоки се целосно забранети.