Штипски „Бетон“ и грчки „Интракат“ направија вонсудски договор и го откочија проектот за изградба на новата Клиничка болница во Штип кој веќе четири години е блокиран. Долгот вреден 2,6 милиони евра грчката компанија Интракат прифати да го подмири со исплаќање на доспеаните фактури и обврски кон „Бетон“ Штип, а „Бетон“ Штип, македонската компанија која е во реорганизација прифати да се откаже од каматите на долгот вредни над 500.000 евра.
Во 2018 година неподмирувањето на обврските од страна на „Интракат“ како изведувач кон „Бетон“ како подизведувач на проектот Клиничка Болница Штип и неоснованото раскинување на договорот за подизведување го доведоа „Бетон“ Штип во стечајна постапка. Тоа повлече и отпуштање на 400 работници и неплатени обврски кон повеќе од 600 домашни правни субјекти кои работеа на проектот Клиничка болница. „Интракат“, од друга страна, ги отфрлаше овие обвинувања со оправдување дека за побарувањето дознале откако им биле блокирани сметките. Во меѓувреме, сите градежни активности на болницата која требаше да биде готова во 2019 година беа стопирани.
-Првиот чекор кој беше причина за застој на градежните активности на мое задоволство веќе е отклонет благодарение на разговорите што ги направивме со „Бетон“ Штип. Очекувам од страна на ресорното Министерство и Владата да се издвојат средства за да се продолжи изградбата на Клиничката Болница и комплетно да се заврши истата бидејќи временските рокови се одамна надминати, на штета на граѓаните. Затоа очекуваме што е можно побрзо од нивна страна да се одобрат финансиски средства бидејќи нема веќе пречки за изградба на Клиничката болница и да се заврши проектот со што ќе се обезбеди подобра здравствена услуга во целиот Исток, изјави денеска Иван Јорданов, градоначаник на Општина Штип кој беше медијатор во спорот