Без образложение откажана собраниската седница – последна пред кампањата

Собраниската седница, која требаше да почне денеска во 11 часот, е одложена без образложение, а за нејзиното одржување ќе следи информација.

На седницата што требаше да почне денеска, Собранието требаше да почне да ги разгледуваа предлог-одлуката за испраќање припадник на Армијата во меѓународната операција на ЕУ во Босна и Херцеговина, дополнетиот предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за трговија, предлог-законот за дополнување на Законот за превоз на опасни материи во патниот и во железничкиот сообраќај. На дневен ред на оваа седница се и предлог-законот за заштита на физичките лица во врска со обработката на личните податоци за цели на спречување, истрага, откривање или гонење на кривични дела или за извршување на кривични санкции, предлог-законот за Академија за судии и јавни обвинители, предлог-законите за граѓанска одговорност за навреда и клевета и за адвокатурата, предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик. На оваа седница пратениците треба да ги разгледаат и предлог-законите за просветната инспекција, за јавните набавки, за ловството.

Паралелно е откажана и седницата на Комисијата за европски прашања, на која требаше да се разгледуваат неколку закони означени со европско знаменце.

Комисијата за европски прашања, пак, денеска требаше да расправа за предлог-законот за заштита на физички лица во врска со обработката на лични податоци за цели на спречување, истрага, откривање или гонење кривични дела, предлог-законите за адвокатурата, за граѓанската одговорност за навреда и клевета и за Академијата за судии и јавни обвинители и предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик.

Ова е последната седмица од работата на законодавниот дом пред почетокот на кампањата за локалните избори – период за кој спикерот Талат Џафери најави дека Собранието нема да заседава, освен ако има потреба од итна седница, а со цел говорницата да не се користи за предизборен маркетинг.

Вчера имаше тензии меѓу власта и опозицијата на седницата на Комисијата за политички систем, поради тоа што предлог-законот за Академија за судии и јавни обвинители бил пуштен во процедура со европско знаменце.

ВМРО-ДПМНЕ најави неодамна дека ќе ги блокира сите закони за кои ќе оцени дека се злоупотребува европско знаме само за да се олесни процедурата за нивно донесување.

Претходна вестОд денеска, секој вторник авиолинија Скопје-Санкт Петерсбург
Следна вестПоголеми нето-плати во туризмот, помали во трговијата