Бил жив запален, ама Свети Ѓорѓи Кратовски не се откажал од христијанството

Прво убедуван и измачуван за да се откаже од христијанската вера и да премине во ислам, а потоа и жив изгорен кога имал само 18 години. Ваква била судбината на младиот Ѓорѓи кого Македонската православна црква сега го прославува како светител Свети Ѓорѓи Кратовски во знак на големата жртва која тој ја принел за зачувувањето на христијанската вера пред 509 години. На 11 февруари 1515 година, Ѓорѓи, поради одбивање да прими ислам, бил жив изгорен од страна на тогашната турска власт.

Житието вели дека Свети Ѓорѓи Кратовски е роден во Кратово од родители Димитрија и Сара. По желба на родителите по завршувањето на училиштето пошол на кујунџиски занает кој во Кратово во тоа време бил популарен и поради рудниците. Набргу станал познат мајстор.

Во тој период во турската империја, на секоја петта година, турскиот султан испраќал свои луѓе по земјите христијански, кои ги одбирале најубавите и најумните момчиња, а потоа им наметнувале исламска вера, превоспитувале и од нив создавале многу силна армија, позната под името – јаничари. Заради тоа, мајката на Георгиј сакала својот син да го засолни во поголем град, како би можела да го одмине ова зло. Златарот Ѓорѓи заминал од Кратово во Софија и таму се настанил кај отец Петар, учен и побожен свештеник, каде уште повеќе ја запознал својата вера, утврдувајќи се во љубовта Христова. Но и таму, младиот Георгиј, многу брзо паднал во очи на мухамеданците, кои сакале ова прекрасно момче да ја прими исламската вера. За таа цел избрале учител да води разговор со Георгиј, да го превоспита, убеди и доброволно да го прими исламот.

Запишано е дека имало повеќе убедувања Ѓорѓи да помине во ислам, дека ќе добие големи богатства, дека ќе се ожени со ќерката на агата, првиот човек на градот, но тој сето тоа го одбил. Потоа следело и негово затворање, за да убедувањата продолжат. Кога бил изведен на суд, судијата пак се обидел да го убеди, но Ѓорѓи пак одбил.

-Остави ме да бидам христијанин, инаку на мене не ми се потребни ниту богатство, ниту, пак слава, рекло младото момче.

Потоа следела и одлуката тој да биде жив запален, а што се случило на градскиот плоштад во Софија. Меѓу народот и денеска е зачуван спомен на неговите последни зборови: Господи Исусе Христе, во Твоите раце го предавам својот дух!

Остатокот од неговите мошти  се погребани во црквата „Света маченица Марина“ во Софија во присуство на целото свештенство и голем број верници. Подоцна на 28 мај/8 јуни моштите на Св. Ѓорѓи Кратовски биле пренесени во храмот „Св. Георгиј Кападокиски“ во Кремиковскиот манастир покрај Софија. Во овој манастир светите мошти се чувале околу 300 години, а денес честици од нив се наоѓаат на повеќе места како Драгалевскиот манастир во црквата „Св. Богородица Витошка“ покрај Софија, потоа во Рилскиот манастир, потоа дел од овие мошти има во Србија во манастирите Студенчица, Дечани во црквата „Покров на Пресвета Богородица“ на Фрушка Гора, а ги има и во манастири во Германија, Русија и други места.

На иконите Св. Ѓорѓи Кратовски е претставен како голобрадо момче во кошула со крст во десната рака и маслинова гранка во левата. Над ореолот има напис: „Свети Ѓорѓи кој настрада од Селим“. Неговиот лик бил насликан во црквата „Св. Ѓорѓи“ во с. Патралица-кривопаланечко во манастирот „Студеница“ и други места. Во црквата „Света Богородица“ во Скопје бил претставен со крст во десната и книга во левата рака. Од 17 век е сликан во национална носија. Култот на Св. Ѓорѓи Кратовски од Македонија се проширил и во Србија, Бугарија и Русија.

Претходна вестМицотакис: Нашиот став за Косово не се менува
Следна вестВремето денеска: Променливо облачно со слаб локален дожд