Сите трошења за кои што ме обвинува ВМРО-ДПМНЕ беа за мои лични потреби и биле реализирани исклучиво од моја лична приватна сметка, изјави денеска екс-министерката за култура Бисера Копстадиновска Стојчевска. На прес-конференцијата во партијата таа објасни како биле направени трошоците за кои лажно ја обвинувала владеачката партија.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков вчера обвини дека таа во текот на четири дена во Лондон купувала со народни пари чорапи и хулахопки, плишана мечиња, фудбалски топки, куфери и потрошила 714 фунти.
Костадиновска Стојчевска тврди дека се е платено со нејзини приватни картички.
– Еве ја вистината: Дел од трошоците кои ги презентираа се однесуваат на нужност да обезбедам основни услови за мое нормално функционирање на службено патување после лет на кој авио компанијата ми го изгуби багажот. И да, купив нови куфери од сопствена сметка и основни средства за службеното патување за да можам да патувам и да учествувам на состаноците во момент кога останав без багаж при патувањето во Лондон. Останатиот дел е тешка манипулација и целосна невистина, рече таа.
Таа го повика пратеникот Миле Лефков да ја провери нејзината службена картичка.
-Нека дојде со копија од мојата службена картица, ќе чешламе трошок по трошок на кој сака медиум. Нека одбере тој време и медиум. Јас стојам на располагање! Ако има криминал во моето работење нека повелат да ми го симнат имунитетот, имаат можност за тоа, и ќе се појавам пред кој сакаат судија! Ако се утврди неправилност, грешката ќе ја признаам и парите веднаш ќе бидат рефундирани. Ако не, ВМРО Фалсификаторска ќе добие тужба и уште еднаш ќе биде потврдена како дезинформатор и маниулатор на македонскиот народ, потенцира Костадиновска Стојчевска.
Според неа, сите трошења кои биле нужни за службеното патување, биле реализирани од службена картичка, исклучиво согласно актуелните правилници и норми.
-Дали ова е страв од тоа што предметот за нивната омилена министерка уште не е затворен, па ги фатило паника кога пред неколку дена добиле барање од ОЈО да ги предадат извештаите од нејзините три службени картички? Дали им е страв дека ќе се види таму вистинскиот шопинг од 30.000 евра во Италија?, праша екс-министерката.