Бислимоски: Не верувам дека ќе има поскапување на струјата, утре стартува парно греење во Скопје   

Доколку АД ЕСМ го одржи планираното производство на електрична енергија не верувам дека по 31 декември ќе има потреба од зголемување на цената на струјата на регулираниот пазар, оцени денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски. Во одговорот на новинарско прашање на денешната прес-конференција во РКЕ тој рече дека до 31 декември цената на електричната енергија која ЕСМ и ја продава на ЕВН Хоум е 48 евра за мегават час.

Тој нагласи дека РКЕ ќе направи сериозни анализи пред носење на каква било одлука за цената на струјата. Бисломоски е против основните и средните училиштата, јавните комунални претпријатија и компаниите кои Владата ќе смета дека треба да им се помогне да се вратат на регулираниот пазар.

-Сметам дека апсолутно треба да им се помогне, но тоа треба да го направи ЕСМ преку својата компанија ЕСМ Продажба која има лиценца за снабдување со електрична енергија и да им понуди цени кои се исти или повисоки од оние на регулираниот пазар. Така ќе им се помогне на многу поедноставен начин. Доколку, пак, тие се вратат на регулираниот пазар ЕСМ ќе треба да продава електрична енергија на ЕВН Хоум по цена од 48 евра за мегават час и во тој случај дополнително би се направил притисок на цената на електричната енергија за домаќинствата поради зголемувањето на трошокот за маржа, рече Бислимоски.

Маржата на тој начин ќе се зголемела за пет до седум милиони евра.

Бислимоски најави дека утре скопјани кои се греат на парно треба да се разбудат во топли домови, затоа што официјално стартува грејната сезона. Разрешени се сите дилеми околу тоа кој ќе биде задолжен за снабдување и испорака на топлинска енергија, откако пред неколку месеци на БЕГ му беше одземена лиценцата. Лиценцата за вршење енергетска дејност регулирано производство на топлинска енергија му е дадена на ЕСМ Продажба ДООЕЛ Скопје со важност до 30 април 2023 година, лиценцата за дистрибуција на топлинска енергија ја доби ЕСМ Дистрибуција за период од 35 години, што е максималниот рок предвиден со Законот за енергетика, додека снабдувањето со топлинска енергија ќе го врши ЕСМ Снабдување со лиценца издадена на период од 10 години.

Гарантираната температура по домовите ќе биде 21 степен а периодот на започнување на греењето е ист како што беше и претходно.

-Како што знаете во Белград започнувањето на грејната сезона е одложено, тоа е направено и во Италија, во Германија, во Швајцарија, во Австрија. Во Италија максималните температури што ги гарантираат се 19 степени. Се што може да направи РКЕ ќе направи во рамките на нормални трошоци коишто треба да бидат за набавка на соодветно гориво за да има непречено одвивање на грејната сезона, истакна Бислимоски.

 

Тој рече дека очекува грејната сезона да започне со одредени проблеми во првите денови, кои се вообичаени секоја година како што се дефекти на инсталации, пукање на вентили, проблеми во потстаниците, односно исклучена струја во потстаниците на објектите поради неплатени сметки.

Претходна вестПендаровски: Неопходен државен консензус околу претстојните уставни промени за кои не треба да се брза
Следна вестМукаетов: Да покажеме зошто ракометот е спорт број еден во Македонија