Кога имал 24 години заминал на печалба во Америка, како и многу Македонци во тој период. По две години во 1926 година се враќа во Македонија и веднаш се вклучува во активностите чијашто главна цел е добување на слобода за македонскиот народ кој во тие години живееше обесправен и обезимен во рамките на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците.
Таков е почеток на револуционерниот пат на Благоја Фотев, македонски учесник во НОВ и носител на Партизанската споменица 1941 година. Роден во егејското село Герман во август 1900 година, Благоја мошне рано сфатил по кој пат треба да се оди: Клучно за него било вклучувањето во МАНАПО, во четрдесетите години од минатиот век. Тоа беше Македонски народен покрет, формиран во 1936 година од страна на прогресивните македонски студенти кои студирале на универзитетите во Белград и Загреб во периодот помеѓу двете светски војни. А главните цели на ова движење биле будење на националната свест кај македонскиот народ и афирмација на македонскиот народен јазик.
На 6 ноември 1940 година Фотев е уапсен во рамките на провалата во битолската организација и е осуден на петгодишна затворска казна. Окупацијата на Југославија ја дочекува во затворот во Сремска Митровица, каде, заедно со другите затвореници, на 22 август 1941 година успева да побегне. Пристапува во Фрушкогорскиот партизански одред, а при обид да се пробие кон Македонија, во март 1942 година е фатен од бугарската полиција. Во јули 1942 е ослободен поради недостиг на докази. Во летото 1943 година е затворен повторно, интерниран во Бугарија и се враќа во Македонија кон крајот на 1943 година. Набрзо заминува во партизани и пристапува на Првата македонско-косовска ударна бригада.
Станува член на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, а во август 1944 година учествува на Првото заседание на АСНОМ. Избран е во Президиумот на АСНОМ како прв повереник за финансии. На Второто заседание на АСНОМ во декември 1944 година е избран за повереник за земјоделство, а во април 1945 година, при изборот на првата влада на НР Македонија, е избран за министер за земјоделство и шумарство.
По донесувањето на Резолуцијата на Информбирото Фотев се колеба помеѓу советската и југословенската позиција. Соочен со таа дилема, посега по својот живот, но сепак не успева да се самоубие. Паѓа во немилост кај комунистичкото партиско раководство и е сменет од функцијата и пензиониран. На почетокот на 1951 година, заедно со својата сопруга, се враќа во битолското село Бистрица каде и останува да живее се до својата смрт на денешен ден пред 31 година, на 27 јануари 1993 година.