Блазе си ни, Македонија во 2024 година ќе стане рај

Како се ближат изборите така се засилуваат владините активности кои наликуваат на предизборна кампања. А што вообичаено политичар прави пред избори? Дава ветувања.

Пред некој ден министерот за транспорт и врски Благој Бочварски истакна дека во годината што изминува имало историски најголеми капитални инвестиции.

-До денеска инвестициите во капитални проекти се некаде 540 милиони евра и јас очекувам и таа бројка да продолжи да расте, рече Бочварски.

Тој посочи и дека изградбата на пругата кон Бугарија засилено се подготвува:

– Пред неколку дена беше распишан и тендерот за третата делница, така што наредната година очекувам да биде уште посилна и реализацијата на сите проекти да продолжи непречено, рече министерот.

Во ветувањата не заостанува и премиерот Димитар Ковачевски.

– Во буџетот за антикризни мерки до крајот на оваа година се предвидени 75 милиони евра, а за следната година предвидени се дополнителни 55 милиони евра. Овде пред сѐ продолжуваме со мерката за субвенционирање на електричната енергија. За пензионерите со пензии до висина на минималната плата ќе има финансиска поддршка. Минималната плата ќе биде биде покачена на историско највисоко ниво од 22.500 денари, истакна неодамна Ковачевски.

Претседателот на Владата се обрати и на настан по повод обезбедената поддршка од страна на Владата за реализација на проекти од локален интерес, во најголем дел од општините во државата.

Министерката за култура, пак, најави дека ќе се прави Универзална сала во Скопје.

-За три години од сега, па и порано очекувам дека ќе ја имаме готова Универзалната сала, рече министерката Бисера Костадиновска – Стојчевска.

Владата, пак, како колектив донесе одлука за прераспределба на 30 милиони денари за реконструкција на салата „Работнички“.

Едноставно, долг е низот на владини најави, ветувања… има дури и ветување од Ковачевски дека пак ќе биде премиер.

Според сето ова, Македонија во 2024 година ќе стане рај. Блазе си ни.

 

Претходна вестСДСМ: Зад сите одлуки на Касами во Тетово стои ДПМНЕ
Следна вестСтрујата поевтини во првиот, поскапе во третиот и во четвртиот блок